КЛУЧОТ ЗА СОПСТВЕНАТА СРЕЌА Е ВО НАС, А НЕ ОКОЛУ НАС – ИНТЕРВЈУ СО КОСТА ПЕТРОВ

КЛУЧОТ ЗА СОПСТВЕНАТА СРЕЌА Е ВО НАС, А НЕ ОКОЛУ НАС – ИНТЕРВЈУ СО КОСТА ПЕТРОВ
Ајде барем за миг да седнеме заедно во театарот во кој се одигрува животот на Коста Петров, а во кој и тој е гледач. 
Зашто веќе одигра дел од својата улога. Пред да стане и да се врати на сцената, заедно да откриеме што има кога ќе погледнеме од другата страна. Одлично четиво и прекрасна сликовница! Тоа го знаеме. 
Прочитајте го интервјуто и барем на момент влезете во мислите на Коста Петров.
Најубав спомен од детството...

Приредбите што секој викенд ги организиравме во Гостивар со сестра ми, Дејан, Кики, Хакан, Енур, Шенур, Арифка, Алпај. Живеевме во зграда во која имаше магија, а сите ние бевме суперхерои. Исто така, и дружбата со моите братучеди во село Беловиште во Гостивар. Никогаш нема да заборавам кога баба ми ќе излезеше на тераса и ќе се развикаше: „Елено, Кристино, Влатко, Коце, ајде готови се питулиците!“ Незаборавни спомени!

Нешта што ме потсетуваат на моето детство...

Не знам како е со другите луѓе, но мене меморијата секогаш ми е поврзана со некаков мирис. Кога ќе помирисам палачинки, веднаш се потсетувам на баба ми и нејзините сто питулици секогаш подготвени со најголема љубов за нас. Мирисот на мастиките чунга лунга. Кога и да ги помирисам, ме потсетуваат на безгрижните игри, на криенките, на приредбите, на оној момент кога ќе дојдеше 7 часот и некоја мајка ќе излезеше на тераса да нè викне затоа што има цртан на телевизија. И сите спринт дома да го изгледаме цртаниот, па после пак надвор.

Што научи како родител што посакуваш да го знаеле твоите родители?

Да кажувам почесто ТЕ САКАМ. Се разбира, љубовта не се покажува со зборови, туку со дела. Бескрајно сум им благодарен на моите родители за грижата и љубовта. Но некогаш е убаво да се чуе и тоа ТЕ САКАМ.

Една реченица што посакуваш да ја знаат сите деца.

Сите емоции се нормални, и тагата и радоста, и среќата и болката. Да бидеш суперхерој значи да ги прифатиш сите свои емоции. Но најважно од сè е да бидеш добар кон себе.

А сите возрасни?

Истото. Да бидеме добри кон себе. Ако не сме добри кон себе, не можеме да бидеме вистински добри кон никого. Да научиме да си простиме себеси за грешките и да уживаме во овој миг, во сегашниот миг.

Кога би имал второ детство, кои мисли би сакал да ги промениш?

Не сакам да имам второ детство. Имав супер детство. Имаше среќа, имаше болка, имаше тага, имаше радост. Имав сè што ми било потребно за да станам човекот што сум денес.

Една работа што би му ја кажал на малиот Коста...

Уживај! Престани со преголемо анализирање на сè! Ќе имаш сè! Само научи да уживаш!

„Сè што би сакал да знаев порано“ е огледало за сите читатели, но и за тебе. Кој ти помогна најмногу за да го видиш вистинското „ти“?

Ова е битка што секој сам мора да ја води. Никој не ни ги познава душата и мислите како што ние самите си ги познаваме. Потребно е разголување, одврзување на многу јазли, но и секојдневна работа, за да сфатиме конечно дека клучот за сопствената среќа е во нас, а не околу нас. Во секој од нас живее суперхеројот. Само треба да му дадеме шанса на тој суперхерој.

„ЈАС и ТИ“ е твоја прва сликовница – какво беше чувството да се истражува во минатото?

Со години посакував да напишам сликовница, но моите мисли секогаш беа прекомплицирани. Некогаш и самиот себеси сум си конфузен, а за детска сликовница треба да имаш јасна и чиста мисла. Земајќи предвид дека мојата нова книга е своевиден разговор со детето во мене, некако ми се расчистија мислите по пишувањето на книгата и едно утро се разбудив во 4 часот и за 20 минути ја напишав приказната за ЈАС и ТИ. Едвај чекам да ја споделам оваа приказа со читателите!

Влези во светот на ТРИ

Пријави се за буклетер и секогаш прв ќе дознаеш што е најново